Хоџа се враќа на „големото семејство“: Европската демократска партија се спојува со ДУИ на Али Ахмети

Политичката сцена на албанскиот блок се окрупнува. Европската демократска партија (ЕДП), предводена од Аријанит Хоџа, донесе одлука за спојување со Демократската унија за интеграција (ДУИ). Централното собрание на партијата позитивно одговори на повикот на Али Ахмети за обединување на политичките сили.

Од партијата на Хоџа преку Фејсбук информираа дека ја разгледале поканата и оцениле дека сега е вистинскиот момент за заедничко дејствување.

„Треба да бидеме еден глас“

Од ЕДП сметаат дека по неодамнешниот Конгрес на ДУИ и усвоените резолуции, создаден е нов политички моментум.

„Централното собрание оцени дека треба да се даде шанса на обединување во рамките на политичка партија што ќе продолжи да биде главен глас на Албанците во Северна Македонија“, се наведува во партиското соопштение.

Претседателот Аријанит Хоџа доби овластување да ги продолжи разговорите со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за да се најде најдобрата форма и модел за официјално заокружување на ова спојување.

Повик за „апсорбирање“ на помалите партии

Овој чекор следи откако Генералното собрание на ДУИ пред два дена упати јавен повик до сите сродни политички субјекти, интелектуалци и здруженија да се приклучат кон нивната визија.

„ДУИ останува отворена за инкорпорирање и апсорбирање на сите интелектуални и политички потенцијали“, порачаа од Мала Речица.

Политичкиот пат на Хоџа

Аријанит Хоџа веќе настапи заедно со Ахмети на парламентарните избори во 2024 година како дел од „Европскиот фронт“. Неговата политичка кариера е динамична:

  • Започна во ДПА (во времето на Арбен Џафери);
  • Премина во Нова демократија на Имер Селмани;
  • Стана генерален секретар и потпретседател на Беса (кај Билал Касами);
  • Како кадар на Беса беше министер за земјоделство во Владата на Зоран Заев;
  • Ја формираше ЕДП, а сега се спојува со ДУИ.