Бројот на новороденчиња во Хонг Конг паднал на рекордно ниско ниво од 31.714 во 2025 година, што претставува пад од 14 проценти во споредба со претходната година, соопшти градската влада, и покрај бројните мерки за поттикнување на наталитетот во последните три години.
Хонг Конг, едно од најскапите места за живеење во светот, се соочува со предизвици како мали станбени простории, долго работно време и високи трошоци за грижа за деца, што влијае врз одлуката на многу брачни парови да имаат помалку деца или само едно, пренесе Ројтерс.
Градските власти во 2023 година вовеле финансиски стимулации од околу 2.300 евра по дете, даночни олеснувања и приоритет при купување субвенционирани станови, како и проширување на капацитетите на дневните центри за деца и квотите за вештачко оплодување во јавните болници.
Официјалните податоци за бројот на раѓања се очекуваат во првиот квартал.

