Откако Оли се откажа од настапот во Базел, а неговата одлука ги шокираше фановите и италијанската јавност, местото на италијанскиот претставник на Евровизија му припадна на Лука Корси, вицешампионот од овогодинешниот Санремо.
Корси ќе настапи во Швајцарија со песната „Volevo essere un duro“, а веста за неговото учество ја потврди италијанската телевизија Раи преку социјалните мрежи и официјалниот сајт.
Кој е неговиот музички стил?
Лучо Корси, 31-годишен музичар од Тоскана, според многумина е еден од најоригиналните гласови на италијанската музичка сцена. Според италијанските медиуми, неговата музика комбинира фолк и рок елементи, создавајќи посебна атмосфера, додека неговите текстови и префинетите аранжмани го сместиле меѓу најценетите уметници на неговата генерација.
Атипична рок-ѕвезда
Роден во Гросето, Корси израснал во креативна средина – неговата мајка е сликарка, неговиот татко е занаетчија, а семејството поседувало ресторан. Со музика почнал да се занимава уште како дете, компонирајќи ги своите први песни и настапувајќи по клубовите и плоштадите во родниот град.
Стекнал искуство свирејќи гитара во различни локални бендови, а во 2012 година се преселил во Милано за да го обликува својот музички пат. Освен што ги режираше неговите спотови, тој сликаше и работеше како композитор.
Неговиот прв албум „Bestiario Musicale“ беше објавен во 2017 година, а вториот „Cosa faremo da grandi? објавен во 2020. Третиот албум „La Gente Che Sogna“ излезе во 2023 година, а минатата година имаше можност да го отвори концертот на „The Who“ на фестивалот Firenze Rocks. Покрај тоа, тој се појави и во ТВ серијата „Вита да Карло“, по сценарио и режија на Карло Вердоне.
Не остана незабележан ниту во модниот свет – во 2018 година беше модел во кампањата на Gucci Cruise.
Нов албум и претстојната турнеја
Корси на 21 март ќе го објави новиот албум „Volevo essere un duro“, додека во април ќе започне распродадена клупска турнеја, на која сега се додадени концертите во Рим и Милано.