Мајка со шест деца остана под отворено небо. До пред неколку дена тие живееја во трособна куќа. Меѓутоа, в саботата вечер, во нивниот дом ненадејно избувна пожар, кој со себе ја однесе целата куќа и сите спомени на семејството Хамидовиќ од Средно Коњари. Остана само пепел од изгорениот мебел. Таткото на децата пред еден месец заминал во Хрватска на работа, а во моментот на несреќата во куќата биле три деца со својот дедо. За среќа, дедото успеал навреме да ги изнесе децата надвор. Мајката Наида е благодарна што децата ѝ се живи и здрави, но бара помош, за како што вели, да може да ја надмине оваа голема несреќа што ги снајде.
„Иако куќата беше стара, навистина ме боли. Фала му на Бога што ми ги спаси децата. Му благодарам и на свекорот. Во моментов имам потреба децата да имаат дом, макар куќа да имаме. Да имаме покрив над глава, ништо повеќе не сакам. Се разбира, децата бараат. Таа ноќ син ми велеше: ми отиде чантата и книгите. Му реков: нека, сѐ ќе биде во ред. Најважно децата се спасија. Оние кои се во можност да ни помогнат, им благодарам“ рече Наида Хамидовиќ.
Најмалото дете сѐ уште нема една година, додека највозрасната, воедно и единствената ќерка на семејството, Амина има 13 години. Таа и нејзините тројца браќа денеска биле на училиште без ранец и книги.
Пожарникарите на местото на настанот пристигнале половина час откако ја добиле веста. Успеале да го локализираат пожарот, но не и да ја спасат куќата. В пресрет на семејството им излегоа и соседите.
„Јас бев дома, дојде син ми од Скопје и ми рече дека нешто гори. Веднаш истрчав бос, но огнот веќе ја имаше зафатено целата куќа. Водоводот ни е малку далеку, хидранти немаме блиску, бидејќи не ги поставија. Го средија водоводот, но нема хидранти за пожари. Никаква можност немавме да го изгаснеме пожарот. Со мало црево ништо не можевме да направиме“, изјави Азим Ќерими, Секретар на месната заедница.
Месната заедница им излезе пресрет на 8-членото семејство со собирање средства за изградба на нова куќа, но велат дека собраните средства не се доволни. Додека нашата екипа беше на местото на настанот, еден донатор донесе 1200 цигли за изградба на куќата. Инаку, најверојатно причината за пожарот бил оџакот.
РЕПОРТЕР: АЛМЕДИНА ИСМАЈЛИ