Петтата недела од Великиот Пост е посветена на преподобната Марија Египетска бидејќи во оваа недела, една пред почетокот на Страсната Седмица, Црквата ја достигнува полнотата на покајанието. А светата Марија Египетска е впечатлив пример токму на длабоко покајание.
Таа од својата дванаесетта година почнала да живее развратно и во разврат поминала седумнаесет години.
Во една прилика, дошла во Јерусалим и посакала да влезе в црква и да му се поклони на Чесниот Крст, но некоја невидлива сила ја задржувала и не ѝ допуштала да влезе.
Во голем страв погледнала во иконата на Пресвета Богородица во припратата на црквата, молејќи се кон Пречистата да ѝ дозволи да влезе и да го целива Чесниот Крст, ветувајќи дека потоа ќе го смени својот живот. Тогаш ѝ било дозволено да влезе в црква.
А таа, откако го целивала Чесниот Крст, оставила сè и се населила во пустината од другата страна на Јордан.
Таму поживеала цели четириесет и осум години, во преголеми маки, во борба со страсните помисли како со диви ѕверови. Така, таа од голема грешница, со Божја помош, станала голема светителка.