Иако ДНК и дигиталната форензика го привлекуваат главното внимание, специјализираните лаборатории на ОФИ решаваат и други комплексни случаи, од откривање измами до следење на пазарот со дрога.
Лабораторијата за механоскопија и анализи на моторни возила има клучна улога во откривање на фингирани сообраќајни незгоди. Преку толкување на трагите и проценка на веродостојноста на затекнатата состојба на возилата, експертите можат да утврдат дали пријавениот настан е лажиран, најчесто за потребите на измама на осигурителни компании.
Во исто време, Лабораторијата за токсикологија и дроги не се занимава само со најчестите дроги како канабис, амфетамини, кокаин и хероин. Според брошурата, лабораторијата активно ги следи современите случувања во однос на пуштањето во промет на нови дроги, како и развојот на методи за нивна детекција и идентификација.
На полето на насилен криминал, Лабораторијата за огнени оружја и балистика користи Автоматизиран балистички идентификациски систем (ABIS). Овој систем овозможува не само да се идентификува дали пронајдени чаури или проектили се испукани од конкретно оружје , туку и да се провери поврзаноста на тоа оружје или муниција со други кривични настани случени на територијата на целата држава.