Како Мамдани стана градоначалник и што го чека Њујорк сега

Само една година откако њујоршката левица почна да крои план за соборување на градоначалникот Ерик Адамс на таен состанок, Зохран Мамдани се појави на сцената во Бруклин како победник.

Денот по рацијата на домот на главниот финансиер на Адамс во ноември 2023 година, лидерите на Партијата на работничките семејства ја видоа својата можност и ги собраа клучните прогресивни политичари за да најдат кандидат.

Меѓу нив, на изненадување на многумина, беше и Зохран Мамдани, човекот кој ќе стане првиот муслимански градоначалник на Њујорк и најмладиот во последните сто години, пишува CNN .

На тој прв состанок во Лонг Ајленд Сити, додека поискусните политичари како градскиот контролор Бред Ландер и државната сенаторка Џесика Рамос ги чуваа своите планови за себе, Мамдани отворено изнесуваше идеи.

„Зохран? Дали Зохран размислува да се кандидира?“, се присети потпретседателката на партијата, Ана Марија Арчила, на реакциите на присутните за Си-Ен-Ен. „Помислив: „Не знам, но знам дека размислува кој треба да се кандидира“, додаде таа.

Мамдани упорно инсистираше дека кандидатот мора да биде некој што би се залагал за замрзнување на кириите, а тој веќе градеше платформа и тим зад себе од редовите на Демократските социјалисти на Америка.

Минатото лето, Мамдани ѝ потврди на Арчила дека влегува во трката со план да го комбинира стилот на Александра Окасио-Кортез со силно присуство на социјалните медиуми и кампања од локално ниво што ќе затропа на милион врати.

Во вторник, пред преполна сала, тој прогласи победа цитирајќи го социјалистот Јуџин Дебс. „Наспроти сите очекувања, успеавме“, рече Мамдани, најавувајќи ја зората на она што тој го нарекува најамбициозен план за справување со прифатливоста на цените од градоначалникот Фиорело Ла Гвардија во 1940-тите. „Иднината е во наши раце“.