Комората на трговци бара итна средба со Владата

Стопанската комора на трговци на големо и мало, која оперира со прехранбени и непрехранбени производи, пијалаци и тутун, бара итна средба со Владата заради одлуката за ограничување на маржите. Комората посочува дека 10-процентното ограничување ќе го загрози опстанокот на трговците, што може да доведе до отпуштање на вработените и затворање на маркетите.

Според Комората, оваа одлука ќе има сериозни последици за 86 трговски компании со 790 продавници и 4.700 вработени. Комората ја оспорува одлуката, истакнувајќи дека ниската маржа ќе ги принуди да ја редуцираат работната сила и да го променат начинот на работење. Бараат да се земат во предвид анализите што покажуваат дека маркетите не се одговорни за зголемените цени, туку дека тие се резултат на ценовната политика на доставувачите и производителите.

Истовремено, Комората нагласува дека досега цените не биле регулирани од Владата, туку зависеле од пазарните услови. Тие апелираат за разумно решение и создавање хармонија помеѓу сите учесници на пазарот.

Комората ги истакнува и дополнителните трошоци со кои се соочуваат трговците, како што се зголемените цени на електричната енергија и платите. Тие предупредуваат дека со 10% маржа не можат да ги покријат оперативните трошоци, што ќе доведе до потешкотии во функционирањето на трговијата.

Заедно со ова, Комората бара Владата да ја истражи причината за зголемените цени и да побара одговорност од производителите и увозниците, а не од трговците.

Владата денес се очекува да ја донесе одлуката за 10-процентното ограничување на маржите, која ќе ги опфати повеќе од 100 групи производи.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното