Котевски: Судот да не подлегнува на емоции, „Рубикон“ воопшто не била ангажирана за кобната вечер во Пулс!

Во продолжението на судскиот процес за пожарот во кабарето „Пулс“, својот воведен говор го одржа и Стефан Котевски, бранител на правното лице „Рубикон Секјурити Солушнс“.

Тој упати остар апел до судот да го одвои емоционалниот товар на трагедијата од правната анализа и нагласи дека обвинението против агенцијата е без доказна вредност.

Според Котевски, клучниот аргумент кој ќе го докаже одбраната е дека критичната вечер од „Рубикон“ воопшто не било побарано – ниту усно, ниту писмено – да врши обезбедување на дискотеката за настапот на групата ДНК.

Бранителот на „Рубикон“ смета дека обвинителството се обидува да го претвори членот 288 од Кривичниот законик во „растеглива норма“ во која може да се подведе секое човечко однесување по принципот „требало нешто да се направи“.

„За да постои кривична одговорност за неинсталирање или неодржување на уреди за заштита, мора да постои конкретна, претходно утврдена законска или договорна обврска. Обвинението суштински не покажува која конкретна обврска ја повредило одговорното лице во Рубикон,“ истакна адвокатот Котевски.

Одбраната тврди дека обвинителството се обидува да го инкриминира правното лице преку ретроактивно инсталирање обврски кои никогаш не биле однапред прецизирани. Наместо тоа, Котевски посочи дека трагедијата е резултат на „целокупен системски колапс на други надлежни органи“, а не на пропуст на агенцијата за обезбедување.

„Наша должност не е да ја минимизираме трагедијата, туку правото да биде применето онака како што налага законот – без претпоставки. Членот 288 не санкционира општа морална одговорност или неуспех на системот, туку строго дефинирани пропусти,“ заклучи тој.