Премиерот Димитар Ковачевски рече дека сега не е момент за формирање на широка коалиција или експертска Влада.
„Сите политички партии без разлика дали се на власт или опозиција, треба да дадат максимум во однос на спраувањето на државата со енергетската и економската криза во која се наоѓа цел континент. Тоа не значи формирање на широка коалиција или формирање на експертска Влада, бидејќи оваа Влада има легитимитет и капацитет за да се справи со овие предизвици“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз смета дека во Парламентот нема услови за ново мнозинство, туку дека според него треба да се размислува за широка коалиција во која ќе бидат вклучени сите парламентарни партии. Пратеникот, кој доаѓа од Демократскиот сојуз, се смета за дел од мнозинството, но отворено размислува за други опции.
-Mислам дека сега нема услови за ново парламентарно мнозинство, ниту пак некој за тоа веќе разговара. Помина таа тема и сега, можеби, поблиску сме да се отвори прашањето околу тоа дали треба да се организираат предвремени парламентарни избори или, пак, треба да се оди до крај на мандатот. Во една ваква ситуација, моја сугестија е, прво и прво, да се размислува за некоја широка коалиција, во која ќе бидат вклучени сите парламентарни партии и мислам дека на тој начин ќе се вклучат сите можни капацитети во државата за надминување на предизвиците со коишто се соочува сега нашата држава, изјави Трајанов за емисијата „360“ на ТВ Алсат.