Кривични пријави за две фирми по трагичната смрт на младиот охриѓанец Кристијан Љушев

Кривични пријави против две фирми ќе поднесе Трудовиот инспекторат по трагедијата во која животот го загуби 28-годишниот охриѓанец Кристијан Љушев. По двонеделна контрола, инспекторите утврдиле дека компаниите не ги почитувале законските прописи за безбедност и здравје при работа на градилиштето.

Несреќата се случила додека младиот работник, вработен во фирма за ентериери, пренесувал мебел во зграда во изградба, при што паднал во незаштитен и неограден отвор за лифт. Поради утврдените неправилности, донесена е времена забрана за работа на целиот објект, која ги опфаќа инвеститорот, изведувачот и надзорот.

За опасните услови на терен сведочи и таткото на починатиот, Валентин Љушев, кој само неколку дена пред кобниот настан забележал дека отворите за лифтови се без никаква заштита. Тој јавно побара одговорност од инволвираните страни.

Имињата на фирмите засега не се соопштуваат во интерес на истрагата. По финализирање на документацијата, предметот ќе биде предаден на Јавното обвинителство за понатамошно постапување.