Политичката партија Левица упати остри обвинувања кон раководството на Државна лотарија, тврдејќи дека институцијата продолжува да се злоупотребува како „партиска каса“ за купување на медиумска поддршка и лојалност.
Според партијата, праксата на злоупотреби која беше карактеристична за претходната власт и Артан Груби, сега продолжува со ист интензитет, но со други актери.
Хонорари до 1.000 евра за „шминкање на реалноста“
Од Левица тврдат дека јавните пари се одлеваат кон мрежа на инфлуенсери, професори и јавни личности чија задача е да ја бранат власта.
„Месечни хонорари од по 35.000 до 60.000 денари, односно над 4 милиони денари месечно се исплаќаат на инфлуенсери, професори, јавни личности, партнери на функционери од власта и други членови на владејачките политички партии! Нивната примарна улога е да ја шминкаат реалноста и да го бранат неуспехот на власта“, се вели во соопштението.
Партијата реагира дека додека нема пари за лекови, социјални програми и повисоки плати, институциите се користат како „ПР-агенции“ на владејачката гарнитура.
Левица директно го прозва директорот на Државна лотарија, Александар Климовски, барајќи итни одговори на четири клучни прашања:
- По кои критериуми се ангажираат овие лица?
- Кои се нивните конкретни задачи и резултати?
- Каков е јавниот интерес од нивниот ангажман?
- Зошто имињата на овие лица се скриени и ги нема во базата на јавни информации?
„Државата не е сиромашна, туку ограбена“
Од партијата заклучуваат дека ова е школски пример за клиентелизам, каде јавните средства се користат како „гориво за партиска самопромоција“.
„Во Македонија има пари, но тие течат по канали ископани од алчност и партиска привилегија. Наместо да се вложуваат во општествено корисни политики, тие се претвораат во хонорари за непродуктивни улоги и дворски трубадури“, порачуваат од Левица.

