Меџити: Скопје нема да спие врз ѓубре, утре ќе се разбуди со почист, поздрав воздух, со почисти улици и со нов изглед!

По неколку тешки недели, кога Скопје беше преплавено со отпад поради блокади и негрижа, градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, заедно со премиерот Христјан Мицкоски и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вечерва излегоа на терен за да ја вратат чистотата во секоја населба и на секоја улица на главниот град.

Граѓаните конечно можат да здивнат слободно, затоа што започна чистењето на Скопје.

„Заедно со премиерот Христјан Мицкоски, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вечерва сме на терен, покрај екипите на ЈП Комунална хигиена, Паркови и зеленило, јавните претпријатија на градот и компаниите со општествена одговорност, кои го водат овој голем граѓански мобилизирачки процес. Ќе се чистат контејнерите, просторот околу нив, шеталиштата, плоштадите и мини-депониите што се создадоа како резултат на блокадите и неодговорноста што го оставија Скопје прекриено со отпад“, истакна Меџити.

Тој додаде дека вечерва Скопје нема да спие врз ѓубре, туку утре ќе се разбуди со почист, поздрав воздух, со почисти улици и со нов изглед.

„Ова е почеток на едно ново поглавје за Скопје — градот што го преземаме во свои раце за да го исчистиме, да го уредиме и повторно да го направиме гордост за сите негови граѓани“, порача меѓу другото Меџити.