Министерката Димитриеска-Кочоска, во интервју за „360 степени“, ја потврди изјавата на премиерот дека „секоја компанија, особено банките со големи профити, треба да покаже општествена одговорност“. Сепак, на состанокот со банките, тие генерално се изјасниле дека не се подготвени да субвенционираат дел од каматите.
„На крајот од денот, не правиме нешто поразлично од која било претходна влада, но целта беше да ја споделиме таа општествена одговорност,“ истакна Кочоска. Таа откри дека, сепак, една банка на посебен состанок со премиерот изразила подготвеност да учествува во субвенционирањето.
Министерката не откри за која банка станува збор, но истакна дека теоретски сите средства би можеле да се пласираат преку една банка, доколку останатите не се вклучат. Димитриеска-Кочоска нагласи дека, иако тоа не би било спорно, Владата претпочита поширока поддршка од банкарскиот сектор.