Миноски: Кога лојалноста е поважна од знаењето, институциите пропаѓаат

Поранешниот министер за финансии, Кирил Миноски, во својата најнова анализа се осврнува на феноменот на макијавелизмот во современите политички системи, посочувајќи дека владеењето засновано на манипулација и страв е историски неодржлив концепт.

Според него, политичко-филозофската доктрина на Николо Макијавели, елаборирана во делото „Владетелот“, каде целта ги оправдува средствата, денес се манифестира преку концентрација на моќ, корумпирани институции и замолчување на критиката.

Миноски потенцира дека една од клучните поставки на Макијавели е токму изборот на соработници, односно тезата дека интелигенцијата на еден владетел најдобро се проценува преку луѓето со кои тој е опкружен. Тој додава дека во денешниот политички контекст честопати сме сведоци на фаворизирање на лојалноста наспроти способноста, што доведува до негативна селекција која директно ги поткопува темелите на државата.

Во анализата се повлекува јасна линија помеѓу античките филозофи, кои повикуваат на управување засновано на етика и мудрост, и макијавелистичката логика која државата ја третира како плен. Иако ваквиот пристап може краткорочно да произведе привидна стабилност, историјата покажува дека владеењето без вредности го пасивизира општеството и промовира апатија и поданички ментален склоп.

Наспроти принципите на манипулација, Миноски го цитира американскиот претседател Абрахам Линколн, потсетувајќи дека лагата не може да биде темел на одржлив систем бидејќи не е можно сите луѓе да се лажат цело време. Заклучокот на екс-министерот е дека токму некомпетентноста и отсуството на вредности се главните фактори кои на долг рок ги уништуваат институциите, исто како што исчезнале и државите во времето кога Макијавели ги промовирал своите идеи.