Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го повика премиерот Димитар Ковачевски да му биде гостин во „Белата палата“.
„Побарав средба со Димитар Ковачевски за да го презентирам концептот за ублажување на последиците од енергетската криза и спас на работни места. Премиерот дезертираше и одби ваква можност. Го повикав на дебата на тема енергетика/економија на медиум кој сам ќе го одбере. Повторно дезертираше. Одби со изговор дека сега не било време. Нудам концепт не само за оваа есен и зима туку и за следната година. Од сето ова политички поени не ме интересираат кога цената е иднината на Македонија и илјадници луѓе чии работни места се под знак прашање“, напиша Мицкоски на Фејсбук.
Тој вели дека сакал вистински да се помогне, затоа што „работите се пресериозни и поважни од суетата на било кој член на владата“.
„Во услови кога Димитар Ковечевски дезертира, бега од средба и ТВ дуел со мене, го поканувам заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања Fatmir Bytyqi на состанок во Недела (2/октомври/2022) во 12 часот во Седиштето на ВМРО- ДПМНЕ, каде детално ќе го објаснам планот и концептот кои ќе значат закрепнување на економијата и помош на бизнисот. Бидете поголеми од вашите суети и одважете се кога тоа е потребно за Македонија“, додаде Мицкоски.