Вчера премиерот Христијан Мицкоски го посети Кочани, каде што на градските гробишта одаде почит на загинатите во трагедијата во ноќниот клуб „Пулс“. Во рамки на посетата, тој оствари средба со дел од родителите кои во тој момент беа на гробиштата и разговараше со нив за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат по трагичниот настан.
Родителите побараа правичност во постапката и санкционирање на сите виновни за пожарот, нагласувајќи дека очекуваат институциите конечно да постапуваат транспарентно и одговорно. Тие укажаа и на притисоците и заканите со кои се соочуваат, како на социјалните мрежи, така и во секојдневното функционирање. Како пример беше посочено зголеменото присуство на полицијата за време на последниот „Марш за ангелите“, што, според нив, создадало чувство на непотребен притисок и заплашување.
„Ова е слободна држава, сè што мислите да кажете или објавите, ја имате мојата поддршка. Секој кој сака да ви се приклучи и да ви даде поддршка, ја има мојата поддршка, јавно го кажувам тоа, еве има камера овде. И никој нема право ниту да ве претресува, ниту да ве легитимира, надвор од законот,“ истакна премиерот Мицкоски.
Тагата и болката на родителите беа очигледни и во разговорот со премиерот. Дел од нив, сепак, изразија сомневање дека институциите навистина ќе постапуваат соодветно и дека правдата ќе биде задоволена.
Посетата на Мицкоски се случи повеќе од пет месеци по трагичниот пожар во „Пулс“, кој зад себе остави човечки жртви и длабоки трауми кај семејствата и целата заедница.