Мицкоски: Загубите во буџетот на дневна основа достигнуваат милион евра!

Кризата не е само во Македонија, туку е глобален феномен, но премиерот Христијан Мицкоски денеска потенцира дека државата има јасен правец и стратегија како да се справи со економските предизвици, без избрзани одлуки кои би можеле да создадат дополнителни ризици. Тој ова го истакна одговарајќи на новинарски прашања, при посета на Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде беа пуштени во употреба шест комплетно реновирани операциони сали.

„Ние како држава имаме јасен план, јасна насока каде се движиме. Немаме намера да носиме одлуки под притисок. Долговите што оваа Влада ги враќа денеска се резултат на избрзани политики без стратегија и, богами, многу криминални политики од минатото“, изјави Мицкоски.

Премиерот додаде дека економската состојба во земјата е тешка и бара внимателно менаџирање, особено со оглед на загубите во буџетот кои на дневна основа достигнуваат милион евра. „Во овие тешки моменти како држава мораме да излеземе. Но имаме план, знаеме каде одиме и немаме дилема. Не сакаме да создадеме паника кај граѓаните. Нашата цел е да покажеме дека ја владееме ситуацијата“, нагласи Мицкоски.

Премиерот потсети дека во наредниот период се предвидени исплати на платите од новите колективни договори, а истовремено државата продолжува со враќање на долговите и спроведување на солидарниот данок. „Се собраа многу обврски, околу 2,5 милијарди, кои треба да се вратат. Сепак, нема да очајуваме, ќе се бориме и ќе ги спроведуваме сите обврски контролирано“, додаде Мицкоски.

Во однос на можно намалување на ДДВ-то и интервенции за други производи, премиерот посочи дека Владата внимателно ги следи економските показатели и анализира секој потег. „Подобро е да направиме чекор назад, да ја анализираме ситуацијата и потоа да направиме два напред. Не сакаме под притисок да носиме одлуки кои можат да имаат сериозни последици“, рече тој.

Мицкоски потенцираше дека сегашните политики на Владата се базираат на стратегија и планирано менаџирање на јавните финансии, спротивно на минатите влади кои, според него, често носеле избрзани и неодмерени одлуки. „Наша цел е стабилност и предвидливост за граѓаните, без паника и без ризични чекори“, заклучи премиерот.

На крајот на посетата на „Мајка Тереза“, Мицкоски се осврна и на проектите за здравството, истакнувајќи дека шесте ново реновирани операциони сали ќе овозможат подобра здравствена услуга и модерни услови за работа на медицинскиот персонал, што е дел од долгорочната стратегија за развој на терцијарното здравство.