Шпанските власти биле шокирани откако затвореник, кој тројца доктори го прогласиле за мртов, се разбудил во мртовечницата, само неколку часа пред почетокот на неговата обдукција.
Затвореникот Гонзало Монтоја Хименез не покажувал знаци на живот кога го пронашле во неговата ќелија и тој бил префрлен во мртовечница во вреќа за тело.
Имено, како што пишува „EL Espanol“, Хименез прво го прегледале двајца дежурни лекари, откако чуварите го пронашле онесвестен во својата ќелија.
Бидејќи немало траги на насилство, како ни пулс тие констатирале смрт. Само еден час подоцна телото било проверено и од форензичар кој, исто така, констатирал смрт.
Но, подоцна патолозите биле многу вознемирени кога од вреќата започнало да се слуша чуден звук како хрчење.
Хименез бил „спакуван“ во вреќа и се наоѓал во фрижидерот со ознаки на телото каде треба да се изврши обдукцијата.
Подоцна Хименез бил префрлен во болница со цел да оздрави од мистериозната болест, пренесува ScienceAlert.
Инаку, ден пред „смртта“ затвореникот се пожалил дека не се чувствува добро иако докторите ни сега не знаат што ја предизвикало неговата состојба. Лекарите велат дека неговото тело покажувало знаци на цијаноза или виолетови дамки на кожата кои се појавуваат поради слабата циркулација или недостаток на кислород.
Тие додаваат дека причината за лажната смрт можеби може да биде каталепсија – кога телото паѓа во состојба како транс или напад, а со тоа пациентот ја губи свеста, секое чувство и се вкочанува.
Засега не е познато како затвореникот станал каталептичен иако боледувал од епилепсија која ја третирал со лекови.
Неговото семејство вели дека во затворот често не ми е лесно на време да ги зема своите лекови, па можно е и тоа да е причината за нападот.