Наунов: Системските пропусти доведоа до трагедијата во „Пулс“, вистината допрва ќе се открива

Александар Наунов, татко на загинатата Надица Наунова во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во емисијата „Раната Кочани“ на 4ТВ вели дека трагедијата е резултат на системски пропусти во повеќе институции и дека семејствата на жртвите ќе продолжат внимателно да го следат судскиот процес.

Тој посочува дека одговорноста не може да се бара само кај поединци, туку и кај институциите кои, според него, дозволиле објектот да функционира и покрај бројните пропусти.

„Системот е виновен – обвинителството, Пазарниот инспекторат, УЈП, Министерството за внатрешни работи, Министерството за економија и Дирекцијата за заштита и спасување. Практично целиот систем потфрли“, изјави Наунов.

Според него, вистинските одговори за тоа кој дозволил клубот да работи на таков начин допрва треба да излезат на виделина, а родителите се подготвени трпеливо да го следат процесот за да ја дознаат вистината.

Наунов вели дека семејствата на загинатите се соочуваат со тешки моменти, но имаат поддршка од дел од јавноста, новинарите и адвокатите кои, како што вели, се обидуваат да им помогнат во борбата за правда.

Тој нагласува дека родителите внимателно го следат судењето и дека со текот на постапката, според нив, „почнуваат да се расчистуваат работите“, особено со сведочењата и доказниот материјал што се изнесува во судницата.

„Кога ќе почнат доказите и записниците да се разгледуваат, ќе се види кој што требало да направи, а не направил за да не дојде до оваа трагедија“, вели Наунов.

Тој додава дека по трагедијата Кочани се соочува со тежок период и дека градот сè уште ја чувствува загубата.

„Кочани повеќе не е истиот град. Се надеваме дека во наредните години ќе успееме повторно да го подигнеме, за младите да останат тука и да не се иселуваат“, порача Наунов.