ФОТО Новогодишните куќарки на плоштад искршени и полни со ѓубре, нема абер да се отстранат

Куќарките кои Град Скопје за Нова година ги постави на Плоштадот Македонија се искршени и затрупани со ѓубре. Иако новогодишната атмосфера одамна помина и веќе сме 27 февруари, тие сè уште стојат на Плоштадот. На никого од Град Скопје не му текнува да ги отстрани па сега тие се мета на несовесни граѓани.

На куќарките искршени се вратите, скинати се каблите за струја, а внатре се полни со ѓубре. Освен што немаат никаква функција тие сега дополнително се уништуваат.

Низ Скопје уште стојат и новогодишните украси на булевари и улиците во центарот на градот. Се случува да излезе еден камион и да ги откитува украсите, но тоа трае кратко односно се вадат само неколку украси и работниците си заминуваат.

Кој го красеше Скопје за Нова година не се знае бидејќи градоначалничката Данела Арсовска не кажа, па не се знае ниту кој треба да ги отстрани украсите и куќарките на Плоштад. Арсовска само кажа дека за украсувањето се потрошени 30.000 евра, тврдеше дека имало повик, а на страната на Бирото за јавни набавки или на официјалната страна на Градот таков јавен повик или тендер немаше објавено.

За случајот за новогодишното украсување и како се потрошени буџетските пари во Градот влезе и Финансиската полиција, но досега нема пријава ниту информација што покажала истрагата.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното