Со длабоко емотивно, но правно прецизно воведно обраќање, обвинителот Борче Јанев денеска пред Судечкиот совет го отвори најобемниот процес поврзан со трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Тој порача дека несреќата од 16 март 2025 година не е резултат на една грешка или едно пропуштено дејствие, туку последица на децении институционална запуштеност, пропусти и свесни злоупотреби.
„Катастрофата во Кочани не настана поради дејството или пропустот на една човечка рака, ниту само поради активацијата на пиротехниката онаа кобна вечер,“ рече Јанев. „Искрите кои ја запалија таваницата беа само последниот чин на едно долго, институционално одгледано зло.“
Тој нагласи дека трагедијата не уништила само едно локалско, туку и вербата на граѓаните дека системот ги штити тогаш кога најмногу треба.
„Во Кочани не изгоре само клубот ‘Пулс’. Изгоре илузијата дека одговорните во системот се тука да спречат. Изгоре и вербата дека оној што бил повикан, постапил навреме. Изгореа и животи – млади, прекрасни луѓе кои сакале само забава.“
Јанев порача дека ако државата не ја расчисти вистината, нема да има сила да помине низ процес на заздравување.
„Ако се премолчи, ако се загуби вистината, никогаш нема да собереме сила како општество да тргнеме напред,“ рече тој.
Клучни прашања кои, според обвинителството, мора да добијат одговор
Во своето излагање, Јанев јасно го постави фокусот на институциите и системските пропусти кои, како што тврди, се директно поврзани со трагедијата:
- Кој дозволил работа на објект кој никогаш не бил наменет за угостителска дејност?
- Кој дозволил влез за стотици млади, а не обезбедил излез?
- Кој бил должен да ги процени ризиците, а пресметал само профит?
- Кој потпишал молк наместо санкција и затворање?
- Кој не ја видел смртоносната опасност која постоела со години?
„Овој настан не е несреќен случај или игра на судбината. Тоа е сплет на пропусти, синџир од злоупотреби. Некој го пресметал ризикот – а го платија тие што немаа избор,“ истакна обвинителот.
„Пулс отсекогаш бил смртоносна стапица“
Јанев тврдеше дека клубот со години функционирал надвор од сите стандарди и закони, со целосно игнорирање на безбедносните правила.
„‘Пулс’ отсекогаш бил безбедносна, смртоносна стапица. Искрите немаа пречка – затоа пожарот уништи толку животи,“ рече тој.
Според него, трагедијата била „целосно предвидлива“, бидејќи сите предуслови за катастрофа биле одамна поставени.
Обвинетиот сопственик и „системот кој не функционирал“
Обрнувајќи се кон улогата на обвинетите, Јанев беше остар:
„Обвинетиот сопственик не покажал ниту интерес, ниту одговорност. Доказите ќе покажат дека бил подготвен на се за профит. Ќе слушнете и ќе видите што правел и како ги заобиколувал законите.“
Тој додаде дека системот не бил измамен – туку дека системот воопшто не функционирал.
„Ни покажа каков систем навистина сме имале – или поточно, каков систем немало. Инспекциите, контролите, превенцијата – сето тоа било само форма, без суштина.“
Порака до Судечкиот совет
На крајот од своето обраќање, обвинителот им порача на судиите дека нивната задача нема да биде лесна, но дека ова е момент во кој државата мора да покаже дека правдата постои.
„Кога превенцијата затајува, државата нема друг механизам освен да гони, санкционира и казни,“ рече Јанев.
Тој најави дека доказите ќе покажат дека причината за трагедијата не е само пиротехниката, туку и самото незаконско постоење на клубот, поддржано од луѓе кои со години ја заобиколувале секоја институционална пречка.
