Унгарската нискобуџетна авиокомпанија „Виз Ер“ (Wizz Air) започна голема експанзија од својата база во Братислава, отворајќи нови линии низ цела Европа. За македонските патници најважната вест е воведувањето на директна линија меѓу словачката престолнина и Охрид, која треба да стартува во март 2026 година.
Душан Новота, директорот на аеродромот „М. Р. Штефаник“ во Братислава, потврди дека авиокомпанијата веќе додала втор базен авион, а најавени се уште два за пролетта 2026 година. Со ова, флотата во Братислава ќе брои вкупно четири авиони „Ербас А321нео“.
Нови рути: Од Аликанте до Охрид
Од средината на декември веќе се активни новите линии кон Аликанте, Осло, Атина, Базел, Неапол, Палермо, но и кон Ниш во соседна Србија.
Сепак, вистинската офанзива на нови дестинации се очекува во првиот квартал од наредната година. Менаџерката за комуникации на „Виз Ер“, Оливија Харангозо, го најави распоредот за март.
„Заедно ќе понудиме дури 29 рути од Братислава во 2026 година. Во март воведуваме многу нови линии, вклучувајќи ги Охрид (Северна Македонија), Тирана, Приштина, Берлин, Дортмунд, Рим, Тел Авив, Варшава и Тузла“, изјави Харангозо.
Поврзување на регионот
Со ова, „Виз Ер“ дополнително ја зацврстува својата позиција во регионот. Компанијата веќе подолго време оперира на релација Братислава – Скопје, а новата линија кон Охрид ќе понуди нови можности за развој на туризмот на охридското крајбрежје, особено за туристите од Централна Европа.
Освен кон Македонија, „Виз Ер“ од Братислава ќе лета и кон:
- Косово: Приштина (од март);
- Албанија: Тирана (од март);
- Србија: Ниш (веќе активна);
- Босна и Херцеговина: Тузла (од март).
Вкупно, од Словачка компанијата ќе нуди 32 рути, што значително ќе ја зголеми достапноста на овој дел од Европа за патниците.
