Доктор Нико Беќаровски алармира за нов опасен TikTok предизвик, кој се шири меѓу младите и вклучува внесување на големи дози на парацетамол. Според неговото предупредување, објавено на неговиот Facebook профил, овој тренд може да има фатални последици, дури и при медицинска интервенција.
Парацетамолот – потенцијално смртоносен во големи дози
„Труењата со парацетамол се меѓу најсмртоносните труења со лекови. Дури и мали дози од 10-15 таблети предизвикуваат оштетувања на црниот дроб, додека внесувањето на 20-40 таблети може да доведе до сериозни труења, а над 50 таблети често завршуваат фатално,“ предупредува Беќаровски.
Тој посочува дека 30-50% од акутните трансплантации на црн дроб во САД и Европа се последица на труења со парацетамол, што ја докажува сериозноста на овој проблем.
Апел за родителите – превенцијата е клучна
Доктор Беќаровски апелира до родителите да внимаваат на своите деца и да разговараат со нив за опасностите од ваквите предизвици.
„Контролирајте ги вашите деца пред да ни се случи нова трагедија!“
Доколку се случи труење, важно е да се реагира веднаш:
✅ Ако не се поминати 2-4 часа, препорачува да се дадат 10 таблети медицински јаглен и две кесички АЦЦ
✅ Веднаш да се побара лекарска помош, бидејќи секунда може да значи живот или смрт.
Овој случај е уште еден потсетник на негативните последици што социјалните мрежи можат да ги имаат врз младите, особено кога се изложени на ризични и потенцијално смртоносни предизвици.