Според списанието „Форбс“ од мај 2025 година, дури 15 поединци во светот имаат лично богатство кое надминува 100 милијарди американски долари. Ова е најголемиот број некогаш забележан на таканаречени „стомилијардери“ – елитата на супербогати чие богатство ги надминува границите претходно незамисливи за мнозинството од светската популација.
На врвот на листата повторно е Елон Маск, основач на „Тесла“ и „СпејсИкс“, со 342 милијарди долари.
Марк Закерберг, основач на „Мета“, е на второто место, со богатство од 216 милијарди долари.
Веднаш зад него е Џеф Безос, основач на „Амазон“, чие богатство се проценува на 215 милијарди долари, и покрај неговото формално пензионирање од управувањето со компанијата.
Поголемиот дел од оваа ексклузивна група е составена од Американци. Единствените неамерикански членови на овој елитен клуб се Французинот Бернар Арно, претседател на луксузниот конгломерат LVMH (Louis Vuitton Moët Hennessy), и Шпанецот Амансио Ортега, основач на Inditex, модна групација која вклучува брендови како Zara, Massimo Dutti и Bershka.
Меѓу најбогатите се Лари Елисон (Oracle), Стив Балмер (поранешен шеф на Microsoft) и Лари Пејџ и Сергеј Брин (основачи на Google).