Пакистан е подготвен да биде домаќин на преговори меѓу Соединетите Американски Држави и Иран за решавање на конфликтот на Блискиот Исток, изјави денес премиерот на земјата, Шехбаз Шариф.
Шариф во објава на социјалната мрежа Икс истакна дека Пакистан ја поддржува иницијативата за дијалог со цел да се стави крај на конфликтот на Блискиот Исток, во интерес на мирот и стабилноста во регионот и пошироко.
Тој нагласи дека Пакистан, со согласност на Вашингтон и Техеран, е подготвен и чувствува чест да биде домаќин и посредник во „смислени и конечни преговори“ кои би воделе кон сеопфатно решение на актуелниот конфликт.
Според извештаите, Соединетите Американски Држави и Израел изведоа напади врз Иран во саботата, на 28 февруари, во рамките на, како што беше соопштено, „превентивни напади“, по неуспехот на повеќе рунди преговори за иранскиот нуклеарен програм.
Потоа, Иран изврши масовни удари како одмазда врз Израел и врз цели поврзани со САД во регионот на Блискиот Исток, пренесува Танјуг.
