Пекевски: Дел од бизнисите ја користат кризата за неоправдано зголемување на цените

Во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, аналитичарот Синиша Пекевски оцени дека дел од економските оператори, особено во прехранбената индустрија и малопродажбата, ја користат актуелната состојба за да ги зголемат цените.

„Овој момент им одговара за да го оправдаат покачувањето на цените, иако економската логика често не го потврдува тоа“, истакна Пекевски.

Тој направи споредба со Португалија, каде престојувал на студиско патување, посочувајќи дека цените на основни производи и услуги таму се пониски отколку во Македонија, и покрај повисокиот животен стандард и членството во ЕУ.

„Во Лисабон, кафе може да се испие за едно евро до евро и дваесет, додека најскапото што сум го платил било евро и осумдесет. Кај нас, во Скопје, тешко може да се најде кафе под евро и пол или евро и седумдесет“, рече тој.

Пекевски додаде дека слична ситуација има и со прехранбените производи, како и со виното. Според него, во Португалија квалитетно вино во маркет може да се купи за 2 до 4 евра, додека во Македонија цените се значително повисоки.

Тој смета дека институциите треба да преземат мерки за спречување на, како што ја нарече, „вештачка инфлација“.

„Владата треба да најде начин како да го менаџира овој процес и да спречи неоправдано покачување на цените“, нагласи аналитичарот.

Воедно, Пекевски укажа на растот на профитите кај трговските синџири во изминатите години, доведувајќи го во прашање нивното тврдење дека цените се диктирани исклучиво од добавувачите.

„Кога ќе се погледнат профитите, се гледа дека тие се енормни. Не може од една страна да се тврди дека немаат влијание врз цените, а од друга страна да се бележат толку високи заработки“, заклучи Синиша Пекевски.