Пекевски: Минималната плата во Словенија е 950 евра, а цените на храната и облеката се поевтини од Македонија

Во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, аналитичарот Синиша Пекевски изјави дека зголемувањето на минималната плата треба внимателно да се разгледа, бидејќи, според него, не постои доволно анализа за економските последици.

Тој оцени дека инфлацијата во Македонија е во голема мера „вештачка“ и дека институциите треба да ги утврдат причините за високите цени, особено во услови кога одредени сектори, како банкарството и трговските синџири, остваруваат високи профити.

Пекевски смета дека наместо фиксно покачување на минималната плата, потребно е таа да биде поврзана со продуктивноста, односно да се разгледа модел на плаќање по час, како што е пракса во развиените земји.

Во својата анализа направи споредба со Словенија, каде, како што наведе, минималната плата изнесува околу 950 евра, а цените на многу производи се пониски отколку кај нас. Тој посочи дека и покрај повисоките трошоци за живот, како што се кириите, храната и облеката таму често се поевтини отколку во Македонија.

„Не можам да најдам логика зошто кај нас цените се толку високи, освен дека одредени економски оператори имаат екстремно високи маржи и остваруваат енормни профити“, рече Пекевски.

Тој додаде дека државата треба да размисли за дополнителни мерки, вклучително и поголемо оданочување на одредени компании, особено трговските ланци, со цел да се заштитат граѓаните и да се намали притисокот врз животниот стандард.