Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска денеска истакна дека речиси 5.000 работодавачи немаат исплатено плата на работниците за август, а ист број на работодавачи воопшто немаат поднесено пресметки за да исплатат плата на повеќе од 10.000 работници.
„Повторно се бориме со истите појави. Мислам дека со успешен контролен механизам ќе можеме да ги надминуваме овие појави“, изјави Лукаревска.
Таа вели дека овие бројки се слични секој месец, но, како што рече, мора државата и институциите да се борат, бидејќи исплатата на плата е човечко право.
Прашана како е можно преку системот на УЈП да поминуваат плати помали од минималецот, Лукаревска со одговор дека тоа е неславно законско решение.
„Тоа е неславно законско решение за кое повеќе пати имаме поднесено иницијатива за да не се случуваат вакви неправилности. Луѓето на повисоко ниво би требало малку да го разгледаат и да го пуштиме во собраниска процедура, за да нема исплаќање на плати со еден, пет денари и да се прават континуирани корекции“, посочи Лукаревска.