Професорката и поранешна градоначалничка на Битола, Наташа Петровска, алармира за состојбите во образовниот систем, посочувајќи дека наставниците во Македонија се соочуваат со значително поголем работен товар во споредба со нивните колеги во регионот.
Според неа, во Србија и Бугарија наставниците по мајчин јазик, математика и странски јазици имаат неделен фонд од околу 18 часа, особено кога станува збор за предмети што подразбираат обемна писмена работа. Во дел од соседните земји, како Албанија и Грција, пак, работниот фонд дополнително се намалува со зголемување на работниот стаж.
Во Македонија, вели Петровска, ваквите олеснувања не постојат, а системот со години функционира со, како што оценува, минимизирање на трошоците на сметка на наставниот кадар.
„Со децении се штеди врз грбот на наставниците, што веќе дава последици“, посочува таа.
Петровска предупредува дека ваквата политика доведува до недостиг на кадар по одредени предмети, но и до ризик од дополнително нарушување на квалитетот на наставата.
Во својата реакција, таа со доза на иронија додава дека, доколку трендот продолжи, образовниот систем би можел да се сведе на ограничен број профили, на штета на суштинското образование на учениците.
Нејзините ставови повторно ја отвораат дебатата за условите во кои работат наставниците и потребата од системски промени во образованието.
