Петровска: Поддршката за Украина одеше билатерално, ако не бевме членка во НАТО немаше да спиеме толку мирно

Поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска во гостување на 4TV.mk, во емисијата „4 години од војната во Украина“, изјави дека комуникацијата околу донирањето воена опрема за Украина се одвивала првенствено на билатерално ниво.

Таа посочи дека координацијата се реализирала преку украинската амбасада, од каде биле доставувани информациите за потребите на украинската армија.

„Комуникацијата одеше на билатерална основа, преку Украинската амбасада. Така ги добивавме информациите за потребите на украинската војска“, рече Петровска.

Подоцна, како што објасни, под покровителство на американскиот секретар за одбрана била формирана т.н. Рамштајн група, односно Контакт групата за одбрана на Украина, која се состанувала неколку пати годишно за координација на поддршката.

„Во рамки на групата од Рамштајн два пати годишно се среќававме, ги разгледувавме состојбите на теренот и носевме политички одлуки за тоа како да ја засилиме поддршката. Имаше и ад-хок состаноци преку онлајн платформи“, додаде таа, мислејќи на форматот познат како Ukraine Defense Contact Group.

Петровска нагласи дека за Македонија значајно олеснување било членството во НАТО, особено во првите месеци од руската инвазија.

„Факт е дека членството во НАТО беше големо олеснување. Ако не бевме членка, можеби немаше директна опасност од прелевање на конфликтот, но сигурно немаше да спиеме толку мирно како што спиевме тогаш“, истакна таа.

Иако Украина не е непосреден сосед на земјава, Петровска оцени дека конфликтот се чувствувал и во македонското општество, поради личните и семејни врски, како и присуството на украински државјани во земјата.

„Има луѓе кои живеат и работат тука, има семејства и пријатели, и сето тоа се чувствуваше во тие први месеци од војната“, рече Петровска во емисијата на 4TV.mk.

Целата емисија во продолжение: