Цените на нафтата паднаа на 92 долари на меѓународните пазари во понеделникот, откако кинеските податоци покажаа слаба побарувачка во септември поради строгите политики за ограничување на Ковид-19. На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше пониска за 1,17 долари во однос на затворањето на тргувањето на крајот на минатата недела и се лизна на 92,33 долари. На американскиот пазар барелот се тргуваше по пониска цена од 1,40 долари, од 83,65 долари.
Трговците денеска беа загрижени од податоците за увозот на кинеска нафта во септември, кои беа повисоки од август, но паднаа за два отсто во однос на септември минатата година, на 9,79 милиони барели дневно, покажаа податоците на царината објавени во понеделникот.
„Неодамнешното закрепнување на увозот на нафта ослабе во септември“, наведуваат во белешката аналитичарите на ANZ, објаснувајќи дека независните рафинери не ги користеле повисоките увозни квоти доделени поради послабата побарувачка во услови на построги мерки за сузбивање на Ковид.
Аналитичарите на ING веруваат дека неизвесноста создадена од кинеската политика на нулта толеранција кон Ковид и кризата во секторот на недвижности ја поткопуваат ефективноста на мерките за стимулирање на економијата, иако растот на БДП на Кина во третиот квартал ги надмина очекувањата.
Бајден се обидува да ги намали цените на горивото
Американскиот претседател Џо Бајден се обидува да ги намали цените на горивата пред конгресните избори и минатата недела најави продажба на преостанатите 15 милиони барели нафта од стратешките резерви, како дел од иницијативата на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) која започна во мај.
Бајден додаде дека неговата цел е да ги врати залихите кога цената на барелот на американскиот пазар е околу 70 долари. Во инвестициската банка Голдман Сакс сметаат дека продажбата на нафта од резервите најверојатно нема да влијае на цените во поголема мера. „Пласирањето (на нафтата од резервите) веројатно ќе има само скромно влијание врз цената на нафтата (за помалку од пет долари за барел)“, се вели во белешката на банката.
Американските енергетски компании го зголемија бројот на активни платформи минатата недела, втора недела по ред, бидејќи релативно високите цени ги поттикнаа да произведуваат повеќе, се вели во извештајот на компанијата за енергетски услуги Бејкер Хјуз. Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) денеска објави дека цената на барел од нафтената кошничка на нејзините членки во петокот паднала за 39 центи на 92,09 долари.