Се отвора патот Артан Груби и официјално да стане прв вицепремиеро во новата Влада. Премиерот Заев најави ќе се менува Деловникот за работа на Владата, а веќе им дал насоки на владините служби да ги поднесат измените. Тоа всушност е побрза и поедноставна процедура отколку да се менува Законот за Влада, за што треба да расправа и гласа Собранието. Оваа, нова функција во македонскиот политички систем е дел од коалицискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ.
-Деловникот дали на оваа или на следните седници ќе се смени затоа што имаме воспоставено на прв заменик претседател на Владата или прв вицепремиер на Владата. Во тоа треба да се направи точно разграничување дека во отсуство на премиерот првиот заменик претседател го заменува во делокругот на надлежностите, изјави Зоран Заев.
Македонија пат ќе ја урива дивоградбата пред Трговскиот центар Мавровка откако општина Чаир на два тендери не можеше да најде компанија која ќе го стори тоа. Старо-новиот премиер Заев преку Фејсбук истакна дека на првата владина седна донесена е одлука Македонија пат да ангажира механизација, средства за работа и вработени за уривање на бесправно изградениот објект, и тоа на сопствена сметка. Од Општина Чаир потврдуваат дека ќе ја испочитуваат владината одлука. Полицијата денеска по повеќе од еден месец го пронајде фантомскиот инвестор и му поднесе кривична пријава.
Четвртиот пакет анти-кризни мерки ќе биде донесен откако ќе завршат консултациите со бизнис секторот и синдикатите. Вицепремиерот за економски прашања Битиќи, за Сител вели дека сега Владата имала многу попрецизна слика за тоа кому му е потребна помош.
-Четвртиот пакет на анти-кризни мерки ќе биде насочен токму на оние на кои им е најпотребно, а тоа се граѓаните. Ќе бидат идентификувани тие кои што се најпогодени. Но, исто така и во стопанството, изјави Фатмир Битиќи.
Ги сменија ресорите, но фокусот останува ист. Приоритет на вицепремиерот за европски прашања, Димитров е процесот на евро-интеграцијата и тој не очекува блокада од Бугарија. Новиот министер за надворешни, Османи, пак, ќе се фокусира на партнерските односи со САД и ЕУ, но и на добрососедските односи.
-Прашањето на самоизјаснување и самоопределување во однос на македонскиот народ, Македонци кои зборуваат македонски јазик не може да биде во спротивност со Европската унија, изјави Димитров.
-Фокусирањето на упатувањето треба да биде врз основа на политичките приоритети на државата. Пред се сега ќе биде европската агенда, отворањето на преговорите и засилување на нашите мисии и амбасади во Брисел и во земјите-членки, изјави Османи.