Денеска во Основниот Кривичен суд Скопје треба да продолжи судењето за двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. На последното рочиште беше сослушан сведокот Гоце Трајковски, кој заедно со таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, учествувал во потрагата по девојчето и прибавувал видео снимки поврзани со случајот.
Трајковски беше последниот сведок предложен од Обвинителството. Првично требаше да сведочи во почетната фаза на судскиот процес, но неговото сослушување беше одложено поради здравствени причини. Подоцна, тој стана недостапен за органите на прогонот поради друго кривично дело. На 23 јануари 2025 година доброволно ѝ се предаде на полицијата и оттогаш се наоѓа во притвор.
Во рамки на судската постапка, Обвинителството претходно презентираше видео снимки на кои беше забележано движењето на возилата што биле користени за грабнување на Вања.
Обвинети за овој случај се Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски. Сите тие пред судот изјавија дека не се чувствуваат виновни.
Според обвинението, групата заеднички го испланирала киднапирањето на девојчето со цел да изнуди откуп од член на нејзиното потесно семејство. Во исто време, грабнувањето на Панче Жежовски во Велес било со намера да го принудат да го предаде својот автомобил „Цитроен“, кој потоа бил искористен за киднапирањето на Вања во Скопје.
Вања и Панче беа пријавени како исчезнати на 27 и 24 ноември 2023 година, а нивните тела беа пронајдени на 3 декември истата година во близина на Скопје и Велес.