Продолжуваат оставките во СДСМ: Кандидатот за Ѓорче Петров, Ацевски, се повлече и побара оставка од Филипче и целото раководство

Костадин Ацевски, кандидатот за градоначалник на општина Ѓорче Петров од редовите на СДСМ и досегашен претседател на општинската организација на партијата, денеска поднесе неотповиклива оставка од партиската функција.

Потегот доаѓа како директна последица на лошиот изборен резултат, но Ацевски во своето видео обраќање отиде чекор понатаму, барајќи одговорност и од самиот врв на партијата.

„Изборите завршија. Време е да се понесе одговорност. Иако се вложив целосно без калкулации и без да се штедам, сепак резултатот е лош“, изјави Ацевски.

Тој јавно побара оставка од претседателот на СДСМ, Венко Филипче, и од целото раководство.

„Поднесувам неотповиклива оставка на функцијата претседател на општинската организација како чин на објективна и морална одговорност за лошите резултати на локалните избори. Верувам дека е исправно и потребно, оставка да поднесат и претседателот Венко Филипче и целото раководство на СДСМ, не само заради лошите резултати, туку и заради начинот на дејствување на СДСМ во изминатиот период“, потенцираше Ацевски.

Тој објасни дека и покрај оставката од функцијата, тој останува член на СДСМ, „целосно посветен во борбата за подобро Ѓорче, за подобро Скопје и подобра Македонија“.