Вработените во шест министерства и две државни институции денеска започнаа со најавените протести, барајќи потпишување на нови Колективни договори кои предвидуваат 30 отсто додаток на платите.
Протестите ќе траат половина час дневно, а локациите ќе се менуваат секој ден. Според најавите на Синдикатот на УПОЗ, во петок демонстрациите ќе се одржат пред Министерството за финансии.
Од УПОЗ тврдат дека вработените во овие министерства се дискриминирани во однос на нивните колеги од институции како што се Службата за општи и заеднички работи на Владата, Генералниот секретаријат, како и Министерствата за здравство, образование и финансии, кои веќе го добиле 30-процентното зголемување.
Покрај овие протести, вработените во Државното правобранителство од минатата недела се во штрајк, со истото барање – Колективен договор и зголемување на додатокот на платата.
Раководството на УПОЗ досега остварило неколку средби со Државниот правобранител, но решение сè уште нема.
Министерството за финансии, пак, соопшти дека во Буџетот за 2025 година се планирани средства за исплата на сите права на вработените, согласно претходно потпишаните колективни договори. Сепак, УПОЗ тврди дека нивното барање било поднесено пред изготвувањето на годинешниот Буџет, а одговор добиле дури откако државната каса била затворена.
Протестите продолжуваат, а УПОЗ инсистира на итно решавање на прашањето за правична плата за вработените во државните институции.