Европската комисија го објави почетокот на следната рунда на програмата за патување „DiscoverEU“ , во која можат да учествуваат граѓаните на земјите од ЕУ, како и Исланд, Лихтенштајн, Северна Македонија, Норвешка, Турција и Србија, јавува ДВ.
Младите можат да аплицираат за влезници до 18 октомври до 12 часот, соопшти Комисијата во Брисел.
Кој сака да освои бесплатен билет, прво мора да го покаже своето знаење во краток квиз. Победниците можат да патуваат низ Европа до 30 дена помеѓу 1 март 2024 и 31 мај 2025 година.
Подарок за 18. роденден
Програмата е наменета за млади на возраст од 18 години. Поточно, може да учествуваат сите родени од 1 јануари до 31 декември 2005 година. Учесниците со попреченост или здравствени проблеми можат да донесат придружба.
Иницијативата „DiscoverEU“ започна во 2018 година и беше замисла на активистите Винсент-Имануел Хер и Мартин Шпер. Нивниот предлог на граѓаните на ЕУ да им се поклони возен билет за нивниот 18-ти роденден и на овој начин да се запознаат со континентот, наиде на голема поддршка и кај политичарите и во општеството.