Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, го пофали претседателот Доналд Трамп за време на нивната денешна средба во Овалната соба во време кога позициите на Трамп покренаа сомневања за неговата посветеност на трансатлантскиот сојуз и договорот за заемна одбрана, пренесе Асошиетед прес.
Руте ги поздрави напорите на Трамп да ги натера колегите од Алијансата да ги зголемат трошоците за одбраната и му рече на претседателот: „Мислам дека сакаат да работат заедно со вас во пресрет на следниот самит за да се уверат дека ќе имаме ревитализирано НАТО под ваше водство“.
Руте го истакна планот на Европската комисија од 800 милијарди евра за повторно вооружување на ЕУ и ги спомена неодамнешните обврски на ОК и Германија за зголемување на трошоците за безбедност.
„Она што се случи во последните неколку недели е навистина неверојатно“, рече Руте, притоа признавајќи дека алијансата сепак може да направи повеќе.
Изјавата на Руте доаѓа откако Трамп минатата недела ги критикуваше членките на НАТО дека не ја исполниле целта да потрошат 2 отсто од нивниот бруто домашен производ за одбрана.