САД го паузираа издавањето иселенички визи за 75 земји меѓу кои и Македонија – Муцунски: Бизнисот, студентите и туристите не се засегнати

САД привремено ги ставија на пауза постапките за издавање иселенички визи за 75 земји, меѓу кои е и Македонија, но оваа одлука воопшто не влијае врз останатите визни категории.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, појасни дека граѓаните кои патуваат како туристи, студенти или стопанственици можат слободно да продолжат со своите апликации бидејќи за нив нема никакви промени во визниот режим.

Министерот подвлече дека не станува збор за прекин на односите или ставање на некаква „црна листа“, туку за техничка пауза која се однесува исклучиво на имигрантските визи. Според информациите од македонските дипломатски претставништва, токму за овој тип визи има најмал број апликации од наши државјани, а најчесто станува збор за граѓани од повозрасните категории.

Муцунски истакна дека државниот приоритет е насочен кон развојот, што подразбира олеснување на движењето за бизнис секторот, научниците и младите. Тој најави дека во следните шест месеци се очекуваат дополнителни позитивни изненадувања во визната политика на САД кон Македонија, со што по две децении би требало да се затворат некои од клучните отворени прашања со нашиот стратешки партнер.