СЕ СЛАВИ СВЕТА АНАСТАСИЈА УЗОРЕШИТЕЛНИЦА: Римјанката што им ги лекувала раните на мачениците во Македонија

Според православниот календар, денеска (4 јануари / 22 декември по стар стил) Црквата го чествува споменот на Светата великомаченичка Анастасија Узорешителница. Оваа светителка е длабоко почитувана поради нејзината неизмерна жртва и грижа за затворените и прогонети христијани.

Родена во Рим, во богато сенаторско семејство, од татко паганин и мајка христијанка, Анастасија уште од млада се посветила на Христовата вера под водство на учителот Хрисогон.

Зошто ја нарекуваат „Узорешителница“?

Прекарот Узорешителница (онаа што ги одврзува врските/јажињата) го добила поради нејзината тајна мисија. Иако била принудена на брак со незнабожечкиот велепоседник Публиј, таа тајно ги посетувала затворите. Таму им носела храна на мачениците, им ги миела и преврзувала раните и буквално им ги одврзувала јажињата (узите) со кои биле оковани, олеснувајќи им ги маките.

Откако нејзиниот суров сопруг загинал при патување кон Персија, таа целото свое огромно наследство го раздала на сиромашните и целосно се посветила на служењето.

Врската со Македонија

Житието на Света Анастасија бележи и значаен детал поврзан со нашите краишта. По смртта на нејзиниот учител Хрисогон и мачеништвото на трите сестри (Агапија, Хионија и Ирина), таа го продолжила својот пат.

„Потоа отиде во Македонија и таму им помагаше на Христовите страдалници“, стои во нејзиното житие.

Токму во Македонија била препознаена како христијанка, по што била фатена и изведена пред суд.

Чудесно спасување и маченичка смрт

Света Анастасија поминала низ тешки искушенија:

  • Глад: Била осудена на смрт со глад и поминала 30 дена во затвор без храна, хранејќи се само со молитва.
  • Давење: Била ставена на кораб со други христијани за да бидат потопени, но Бог ја спасил од длабочините.
  • Оган: На крајот, била врзана со четири јазли над оган, каде што ја предала својата душа на Бога во 304 година, за време на прогоните на Диоклецијан.