„Сејф сити“ пред Уставен: Можеме ли со камери да го смениме менталитетот?

Додека камерите од проектот „Сејф сити“ (Safe City) веќе стануваат дел од секојдневието на скопските улици, во Уставниот суд веќе се „кршат копјата“ за нивната легалност. Претседателот на Судот, Дарко Костадиновски, откри дека се формирани четири предмети по кои ќе се постапува со висок приоритет, со оглед на тоа што станува збор за потполна новина во државата.

Но, зад правните лавиринти, Костадиновски во овој проект гледа нешто многу подлабоко од обична безбедносна мерка – тест за нашиот карактер како нација.

„Овој проект ни покажа дека нашиот менталитет не е ‘безнадежен случај’. Напротив, тој може многу брзо да се смени и да се прилагоди на правила,“ вели првиот уставен судија.

Според него, „Сејф сити“ е општествено оправдан бидејќи целта е легитимна, а мерките се пропорционални. Костадиновски овој пример го користи дури и на меѓународни конференции како доказ дека македонското општество има капацитет за уставна култура и владеење на правото, под услов сите актери да бидат искрено подготвени за тоа.

Дали камерите ќе бидат „лек“ за сообраќајниот хаос и непочитувањето на законите, останува да кажат судиите, но пораката е јасна: кога има правила кои важат за сите, прилагодувањето оди многу побрзо отколку што мислиме.