Сиљановска-Давкова без ракавици: ЕУ ни испорачува „политички уцени“ наместо реформи – проблемот не е во Уставот, туку во двојните стандарди

„Ние сме технички усогласен, но политички блокиран кандидат. На вагата на Европската Унија, нашите уставни измени имаат поголема тежина од суштинските реформи“. Ова е главната теза на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која во своето новогодишно обраќање пред пратениците упати остра критика кон политиката на проширување на ЕУ и, како што рече, „парадоксалните“ барања упатени кон Македонија.

Претседателката беше децидна дека вистинската пречка за македонските евроинтеграции не се Копенхашките критериуми (владеење на правото, економија), туку воведувањето на нов, де факто политички критериум – способноста да се прифатат билатерални условувања кои немаат врска со европските вредности.

Се вчитува...

Сиљановска-Давкова истакна дека на земјата ѝ се испорачува „превисока политичка сметка“. Таа потсети дека уште од Бадентеровата комисија во 90-те, Македонија добивала позитивни оценки за Уставот и демократскиот капацитет, но постојано била заобиколувана од политички причини, за разлика од Словенија и Хрватска.

„Брзата лента на која се најде некоја земја кандидат не е резултат само на нивните реформи, туку и на политичката волја на Унијата… Независно колку реформски достигнувања додаваме, на крајот, политичкиот услов натежнува“, рече претседателката.

Во најпедантриот дел од говорот, претседателката направи директна паралела помеѓу македонскиот и бугарскиот Устав, за да ја илустрира апсурдноста на барањето за вметнување на Бугарите во македонскиот Устав.

  1. Македонски Устав (Член 48, Амандман 8): Гарантира заштита на етничкиот, културниот и јазичниот идентитет, право на културни институции и образование на мајчин јазик. Венецијанската комисија го потврдила ова како највисок стандард.
  2. Бугарски Устав (Член 6): Содржи само општа клаузула дека „нема ограничувања или привилегии врз основа на раса, националност, етничка припадност“.

„Споредете што ѝ препорача Венецијанската комисија на Бугарија во 2008 година? Да го смени Уставот за да ги земе предвид правата на малцинствата. Згора на тоа, Бугарија не спроведува 23 пресуди на Судот за човекови права, добиени од Македонци на кои им се негира правото на здружување“, поентираше Давкова.

Претседателката го оспори и начинот на који обврските од т.н. „Француски предлог“ станале дел од преговарачката рамка. Таа праша како е можно записник (протокол), потпишан од двајца министри, да стане причина за промена на највисокиот правен акт – Уставот.

Таа потсети и на „изневерената доверба“ по промената на името со Преспанскиот договор, кога и покрај неуспешниот референдум, пратениците гласаа за промените, верувајќи дека тоа е крајот на отстапките.

„Веројатно, по промената на името – тешко ми е ова да го кажам – секоја друга промена на предлагачите им изгледа бенигна“, рече таа.

Според Сиљановска-Давкова, држењето на Македонија и регионот во „геополитички вакуум“ директно им одговара на трети сили кои сакаат да го прошират своето влијание на Балканот.