Во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, аналитичарот Синиша Пекевски оцени дека изјавите на носителите на одлуки имаат значително влијание врз глобалните текови, особено во време на геополитички тензии.
Според него, секоја порака што доаѓа од влијателни политички актери создава одреден импакт, без разлика дали е позитивен или негативен, а тоа особено се одразува врз економијата. Пекевски нагласи дека во моментов светот се соочува со сериозен предизвик, пред сè поради растот на цените на енергенсите.
„Нафтата достигнува високи нивоа и постојат проценки дека може да порасне и до 200 долари, иако сметам дека тоа не е реално сценарио“, истакна тој, додавајќи дека понатамошниот развој ќе зависи од конфликтот на Блискиот Исток, особено во Израел, Иран и поширокиот регион.
Пекевски се осврна и на новиот тренд на комуникација во меѓународната политика – водење „дипломатија“ преку социјални мрежи. Тој оцени дека ваквиот пристап е несоодветен, особено кога станува збор за чувствителни информации.
„Не ми се допаѓа овој начин на комуникација и сметам дека на социјалните мрежи не треба да се споделуваат сензитивни информации, особено од страна на претседател на една од најмоќните држави“, рече Пекевски.
Во таа насока, тој посочи дека промените во комуникацијата се забележуваат со доаѓањето на Доналд Трамп на власт во САД, што, според него, придонело за отстапување од традиционалните дипломатски практики.
Сепак, и покрај јавните настапи на социјалните мрежи, Пекевски смета дека клучните процеси и натаму се одвиваат зад затворени врати.
„Позади завесата се водат сериозни дипломатски битки. Токму затоа тие се нарекуваат дипломатски – бидејќи не треба секој да знае како се решаваат овие предизвици“, заклучи тој.
