„Скопје се гуши, а вие зборувате за Виена“: СДСМ бара итна вонредна седница и прогласување на еколошка криза

Советничката група на СДСМ во Град Скопје денеска поднесе иницијатива за итно свикување на вонредна седница на Советот. Опозицијата бара прогласување на еколошка и здравствена кризна состојба, откако главниот град деновиве изби на врвот на листата најзагадени градови во Европа.

Катарина Цаневска Арсовска од СДСМ истакна дека ситуацијата е алармантна и дека здравјето на половина милион скопјани – деца, млади и возрасни – мора да биде приоритет пред сè друго.

„Бараме да се донесе Одлука со која намалувањето на загадувањето на воздухот се утврдува како приоритет. Досега не се инвестираат пари во проекти за почист воздух, а граѓаните се оставени сами на себе, веројатно поради изјавите на премиерот Мицкоски дека воздухот во Скопје е почист од воздухот во Виена. Тоа мора да се промени веднаш“, изјави Цаневска Арсовска.

Пакет мерки: Бесплатен превоз и забрана за греење на дрва

На бараната вонредна седница, СДСМ ќе предложи конкретен сет на итни мерки:

  • Бесплатен јавен превоз во деновите кога воздухот е енормно загаден;
  • Барање средства од Владата за поставување филтри на оџаците на големите загадувачи;
  • Забрана за греење со дрва и јаглен во подрачја каде што има достапно централно греење;
  • Пренамена на буџетски пари за субвенционирање на прочистувачи и еколошко греење за граѓаните;
  • Итно расчистување на дивите депонии и засилено миење на улиците.

„Пари за тендери има, за здравје нема“

Советничката група упати и директни обвинувања за трошењето на градските и државните пари, алудирајќи на сомнителни јавни набавки.

„Не може да има пари за милионски тендери за испумпување на парите на граѓаните – 9 милиони евра за само една фирма, или 161 тендер за друга фирма – а да нема пари за скопјани. Не може богатењето на поединци во власта да биде поважно од здравјето на граѓаните“, порачаа од СДСМ.

Тие побараа поддршка од сите советнички групи во Советот на Град Скопје за изгласување на овие заклучоци.