Платформата за онлајн комуникација „Скајп“ (Skype), некогаш синоним за интернет-разговори, официјално заминува во историјата. „Мајкрософт“ објави дека постоечките корисници ќе можат без надомест да мигрираат на „Мајкрософт тимс“ (Microsoft Teams), користејќи ги своите постоечки кориснички имиња и лозинки. Притоа, сите контакти и историја на разговори ќе бидат автоматски префрлени на новата платформа.
Корисниците имаат рок до јануари 2026 година да го завршат префрлувањето, по што нивните податоци од „Скајп“ ќе бидат трајно избришани.
„Ја поедноставуваме нашата бесплатна комуникациска понуда за подобро да одговориме на барањата на корисниците“, соопштија од компанијата.
Иако „Мајкрософт тимс“ е бесплатен, експертите посочуваат дека не нуди сè што им беше достапно на корисниците на „Скајп“. Групните видеоповици, на пример, се ограничени на 60 минути, а повеќе не е достапна услугата „плати колку што трошиш“ за повици, ниту испраќањето платени СМС-пораки преку платформата.
Од своето лансирање во 2003 година, „Скајп“ прерасна во водечка апликација за видео и гласовни повици. По аквизицијата од страна на „Мајкрософт“ во 2011 година, остана популарен со години, но во последно време полека беше истиснуван од поновите алатки за комуникација.