Вселенскиот патријарх Вартоломеј испрати писмо со сочувство до архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, по повод упокојувањето на митрополитот Дебарско-Кичевски Тимотеј. Ова го пренесе црковниот портал „Литургија“.
Во писмото, патријархот Вартоломеј изразува длабока жал за заминувањето на митрополитот Тимотеј, кој беше опишан како благ и скромен архијереј, посветен на служењето на Светата Црква.
„Молејќи се за покој на душата на блаженоупокоениот брат Тимотеј во живеалиштата на праведниците, заедно со оние кои од памтивек Му благоугодиле на Бога, го изразуваме нашето сочувство до вашето Преосвештенство и до Мајката Црква,“ се наведува во писмото.
Патријархот Вартоломеј, исто така, изразува надеж дека Христос, Кој има власт над животот и смртта, ќе ја упокои душата на митрополитот Тимотеј во вечен мир.
Митрополитот Тимотеј се упокои на 25 ноември годинава, на 73-годишна возраст, по кратко боледување.