Веќе пет дена директорот на Бирото за јавно набавки, Бардил Насуфи не одговара на прашањата на ТВ21 околу сомнежите за наместени вработувања на последниот конкурс објавен од институцијата со која раководи. Со оглед на тоа што не сакаше да застане пред објективот на камерата, се согласи да одговори преку и-мејл, но од понеделникот па досега, Насуфи не го стори ниту тоа, па така без одговор останаа прашањата:
- Зошто за позицијата помошник-раководител во Секторот за контрола се бара едно од завршените образованија да биде јазик и книжевност? Доколку кандидатот кој го има завршено тоа образование го добие работното место, тогаш која е поврзаноста на „книжевноста“ со контрола на тендери?
- Доколку политичките науки се соодветни, тогаш зошто овој вид образование не се бара и за другите работни места?
- Доколку барањето за завршено образование по книжевност е грешка, како што ни рековте в саботата преку телефон, дали ќе го повлечете конкурсот или пак ќе го поправите?
Одговор пред камера не даваат ниту од Министерството за администрација и информатичко општество. Од Кабинетот на Манчевски се оградуваат велејќи дека тие како надворешна институција не можат да се мешаат во образованието што го бара директорот за добивање работно место во таа институција. Дури ни предложија прашањето да го разјасниме со директорот на Бирото за јавни набавки, кој исто така има право да го повлече конкурсот, доколку се констатираат нерегуларности.
Од Министерството исто така се правдаат дека Бирото му ја доставува направената систематизација на Министерството, кое пак, реагира само ако има некој пропуст со документацијата, но доколку директорот настојува дека му е потребен одреден профил, тогаш, како што велат, Министерството не може да стори ништо. Инаку, пред една недела, ТВ21 емитуваше прилог за можни предвреме наместени вработувања на конкурсот објавен на 5-ти јули, во кој за 8 работни места, на кандидатот му се бара економски или правен факултет, а пак за 4 други места се бара да има завршено политички науки или јазик и книжевност. Па така, за позицијата раководител на Секторот за контрола, во конкурсот се бара кандидатот да има завршено економски факултет или политички науки, додека за негов помошник, само правен факултет или високо образование за јазик и книжевност.
РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ