Средба Сиљановска – Милатовиќ: Укажаа на нужноста од брза реинтеграција на регионот на Западен Балкан во ЕУ

На официјална церемонија, со највисоки државни и воени почести, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го пречека црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ.

По тет-а-тет средбата, се одржа пленарен состанок на македонската и на црногорската делегација.

Предмет на разговорите беа македонско-црногорските политички односи, економската соработка, образованието, дигитализацијата, културата и туризмот, но и регионалните, европските и меѓународните настани и состојби.

Сиљановска-Давкова и Милатовиќ споделија видувања за евроинтеграциите во коишто Црна Гора е водечка земја-кандидат, а македонскиот пат е блокиран со условување со уште една од низата уставни измени, иницирани однадвор.

Според нив, интензивните реформи, во духот на Копенхашките критериуми го европеизираат регионот, а пошироката трговска соработка и инфраструктура ја зајакнуваат неговата улога во европски рамки.

Претседателите уште еднаш укажуваат на нужноста од брза реинтеграција на регионот на Западен Балкан во Европската Унија, со оглед на високите безбедносни ризици, предизвикани од актуелните војни.

Посебно значење за Милатовиќ и Сиљановска-Давкова има потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу младинските совети при Кабинетите на двајцата претседатели, како важен чекор во комуникацијата на највиталните, најкреативните, најреформските и најевропските човечки ресурси – младите!