Стефановски: Македонија не е примарна мета за директен напад, но хибридните закани во хаотичен свет се реална опасност

Во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, аналитичарот Милан Стефановски направи детална анализа на безбедносната позиција на Македонија во контекст на нарушената глобална безбедносна архитектура. Според него, иако државата не е директна воена мета, таа останува ранлива на современите форми на војување.

Стефановски посочува дека во услови кога меѓународниот поредок е во хаос, а институциите кои треба да ја гарантираат безбедноста се делегитимирани, малите земји стануваат лесни цели.

„Во хаотични времиња, кога безбедносната архитектура е нарушена, вие сте подложни на тероризам, сајбер напади, диверзии и поткуп на влади. Малите земји се особено подложни бидејќи нивните финансиски можности се ограничени, додека вниманието на НАТО често е фокусирано на поголеми, глобални конфликти“, истакна Стефановски.

Аналитичарот смирува дека нема директни воени закани кои би ја загрозиле инфраструктурата или животите на граѓаните на начин на кој тоа го прави класичната војна. Сепак, тој предупредува дека „непријателот“ денес користи други алатки:

  • Сајбер напади врз државни институции.
  • Хибридни закани и дезинформации.
  • Трошење на државните ресурси за справување со овие индиректни притисоци.

Стефановски објаснува дека евентуалните напади врз Македонија би можеле да дојдат од „заспани ќелии“ кои веќе постојат во Европа, но нагласува дека и за терористичките групи Македонија не е толку „атрактивна“ како моќните западни држави каде ефектот и „ехото“ од нападот би биле многу поголеми.

Иако Македонија е членка на НАТО и е синхронизирана со партнерските служби, Стефановски апелира дека домашните безбедносни структури не смеат да се релаксираат.

„Ова не се добри времиња за општествата. Светот се наоѓа во фаза на кулминација на прераспределба на глобалната моќ, што некои го нарекуваат и Трета светска војна. Мораме да бидеме внимателни, спремни и да користиме многу поголем број ресурси за да ја заштитиме нацијата“, заклучи тој.