Во триумфална победа за Доналд Трамп, жалбениот суд на сојузната држава Њујорк во четвртокот ја отфрли казната од околу половина милијарда долари против американскиот претседател, во случај на измама што претставуваше еден од неговите најголеми правни неуспеси пред враќањето во Белата куќа.
Пораз за Летиција Џејмс
Одлуката на Жалбениот суд во Менхетен е пораз за главната државна обвинителка на Њујорк, Летиција Џејмс, која Трамп ја обвини дека ја покренала тужбата за да поттикне политички лов на вештерки и да му оневозможи втор мандат. Во февруари 2024 година, судија од прв степен изрече казна откако утврди дека Трамп лажно го прикажувал своето богатство и имот за да го зајакне семејниот бизнис.
Трамп негираше дека направил нешто погрешно, а неговите адвокати тврдеа дека какви било грешки во прикажувањето на неговото богатство на доверителите и деловните партнери се небитни, бидејќи никому не му била нанесена штета.
Поделени судии
Одлуката на петмината судии беше донесена со длабоки несогласувања. Некои судии сметаа дека Трамп треба да одговара, додека други повикаа на ново судење или дури на укинување на случајот. Во објава на социјалните мрежи, Трамп ја нарече одлуката „целосна победа“.
„Длабоко ја почитувам храброста на судот што ја отфрли оваа незаконита и срамна одлука“, напиша Трамп. Џејмс изјави дека ќе бара од Жалбениот суд повторно да го разгледа случајот. „Не смее да се заборави: уште еден суд пресуди дека претседателот го прекршил законот, и дека нашиот случај има основа“, рече таа.
Трамп одвоено во мај 2024 година беше осуден врз основа на кривични обвиненија на државниот суд во Менхетен, Њујорк, дека и исплатил пари на порно ѕвездата Сторми Даниелс за да ја купи нејзината тишина, но за тоа не беше казнет.
Расправа за граѓанските права
Обвинителите свикаа голема порота за да истражи дали случајот на обвинителката Џејмс го лишил Трамп од неговите граѓански права, рече лице запознаено со проблематиката. Адвокатот на Џејмс го нарече тоа дел од „кампањата на Трамп за политичка одмазда“.
Во денешната одлука, двајца судии кои сметаа дека Трамп со право бил држан одговорен, Дaјан Ренвик и Питер Моултон, рекоа дека доказите покажале дека обвинетите „биле вклучени во децении долга шема на финансиска измама и незаконитости.“ Но додадоа дека неделата на Трамп не предизвикале „катаклизмична штета“ што би ја оправдала казната од половина милијарда долари.